МЗТ Скопје службено ја доби Лирија и се пласира во финале

Бранителот на титулата МЗТ Скопје е првиот финалист во кошаркарскиот плејоф, откако без борба ја доби втората полуфинална средба против екипата на Лирија. Дуелот на кој Лирија требаше да биде домаќин беше закажан за вторник, но поради трагичниот настан во Ѓорче Петров беше одложен за четврток. Ситуацијата се искомпликува откако КК Вардар како сопственик на салата соопшти дека истата не е слободна за одигрување на плејоф-натпреварот. Челниците на Лирија во изминатите часови бараа резервна варијанта, но откако истата не беше пронајдена, Натпреварувачката комисија при МКФ донесе одлука мечот да биде регистриран со службени 20:0 за МЗТ.

„Согласно Пропозициите за натпреварување (член 9.5) и Службените кошаркарски правила (член 20.1,20.2.1 и 20.2.2) Полуфиналниот Плеј оф натпревар помеѓу КК Лирија и КК МЗТ Скопје Аеродром кој требаше да се одигра на ден 22.05.2014 година се регистрира со службен резултат 20:0 во корист на екипата на КК МЗТ Скопје“ , се вели во билтенот на МКФ.