Нѐ очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, најави Бектеши

„Нѐ очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план која не зависи само од Северна Македонија или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина. Рестрикции на електрична енергија не се очекуваат, дури и доколку имаме забрана за увоз на електрична енергија и гас во земјава. Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор се со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството од домашни капацитети“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши, на денешниот брифинг со медиумите, на кој информираше за следните чекори и мерки кои ќе бидат преземени со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните.

-Ние работиме на обезбедување на алтернативни начини за снабдување со енергенси, доколку имаме целосна забрана за увоз на гас, за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори согласно Законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енерегенс, односно на мазут, кажа Бектеши, а во однос на снабдувањето со гас за престојната грејна сезона, дека се прават напори да има алтернативни извори за снабдување, со оглед на тоа што земјава е целосно зависна од руски гас.

-Доколку успееме во соработка со Булгаргастранс да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот што го имаме со Бугарија и кој е целосно закупен од Гаспром, тогаш ќе може, ако Русија ни ги стопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или од Турција“, кажа Бектеши.

Министерот информираше дека од страна на ЕБОР, во текот на вчерашниот ден се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ, за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија, ако има недостиг, и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство.

-Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, а во моментов треба да ги сочуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период, рече министерот.

Во однос на пакетот на антикризни мерки кој што беше најавен, тој информираше дека Министерството за финансии подготвува нов пакет на мерки кои би започнале да се применуваат во септември и ќе важат до крајот на годината, а ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани.

-За директни мерки како директна поддршка, Министерство за финансии е при крај на дизајнирање на нов пакет во соработка со Стопанските комори. Согласно можностите кои ги има државата, мерките ќе бидат таргетирани за ранливите групи на граѓани кои имаат најголема потреба за помош. Таква поддршка ќе има и најверојатно ќе почне да се реализира од септември, изјави Бектеши.

Министерот информираше дека следната недела во рамки на иницијативата Опен Балкан во Тирана ќе се одржат работни состаноци со министерите од Албанија и Србија каде се разговара и ќе се предложат мерки се со цел да се задоволат потребите за храна и за струја за граѓаните од земјите во регионот.