На 106 години почина првиот официјален гласач во Индија

Првиот официјален гласач во историјата на Индија Шјам Саран Неги починал во саботата во својот дом во северната сојузна држава Химчал-Прадеш на возраст од 106 години, објави во неделата новинската агенција Press Trust of India и додава дека во текот на долгиот живот тој гласал на различни избори 34 пати.

Неги бил учител во планското село Калпа кога на 5-ти октомври 1951 година го дал својот глас на првите независни општи избори во Индија откако земјата стекна независност од Велика Британија во 1947 година. Изборите на територијата на цела Индија тогаш се одржале во февруари 1952 година, но планинските региони гласале пет месеци порано, бидејќи во февруари многу планински области се отсечени од остатокот на земјата од големи снегови.

Неги тогаш станал првиот официјален регистриран избирач кој го дал својот глас во штотуку создадената земја и така го впишал своето име во индиската историја. Тој, исто така, водел кампања и неговите соселани да излезат на гласање, и оттогаш Неги не пропуштил ниедни избори.

Последен пат првиот официјален избирач во Индија гласал по пошта на 2-ри ноември 2022 година, бидејќи бил премногу слаб за да оди до избирачкото место. Станува збор за регионални избори кои ќе се одржат во Химчал-Прадеш на 12-ти ноември, а според индискиот изборен законик неговото гласачко ливче е испратено однапред.

Индискиот премиер Нарендра Моди изрази сочувство поради смртта на Неги на предизборен митинг во саботата во Сундернагар, Химачал-Прадеш.

„Со тешко срце ја наведнувам главата за да му оддадам почит (на Неги) и да му изразам најдлабоко сочувство на неговото семејство“, изјави Моди чиј говор беше пренесуван на индиските телевизии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.