На 20 декември Србија започнува преговори со ЕУ

Србија ќе започне преговори со Е вропската унија на 20 декември, пишува денеска српскиот весник„Вечерње новости “.

Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Србија и Европската унија е веќе начелно договорена, пишува весникот, додавајќи дека Белград ќе добие зелено светло на работната вечера на лидерите на ЕУ.

Датумот на првата меѓувладина конференција меѓу Србија и ЕУ, со која се означува почетокот на претпристапните преговори, е закажан за 20 декември, веднаш по седницата на Европскиот совет во Брисел, објави „Вечерње новости“, повикувајќи се на свои извори.

Според весникот изминатите денови Белград добил сигнал од седиштето на ЕУ дека ќе добие „зелено светло“ во декември и сугерирано му е да почне подготовки за официјалниот почеток на прегоорите и да го усогласи составот на делегацијата, која ќе патува во Брисел.

На конференцијата Србија ќе ја претставуваат премиерот Ивица Дачиќ, министерот за ЕУ Бранко Ружиќ и раководителот на преговарачката екипа Тања Мишевиќ.

ЕУ ќе ја претставуваат министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичус, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон.