Над 260 пожарникари со помош на авиони и хеликоптери го гаснат пожарот на Коринт

Ќе биде тешка вечер, од сите што се во поширокиот регион, бараме претпазливост, водиме битка во тешки услови, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција,. Никос Хардаљас на вонредната прес конференција за пожарот во околината на Коринт и соопшти дека е активиран целиот механизам за зашитита на луѓето, а процените се дека изгореле околу 2.000 хектари шума.

Хардаљас објасни дека пожарот започнал од горење на остатоци од маслиново дрво, но и дека на терен се 265 пожарникари со десет пешадиски тимови од војската, а од шест часот утрово се интервенира и од воздух со авиони и хеликоптери. Дополнително, помагаат цистерни од општината и волонтери.

Од Секретаријатот за цивилна заштита, со две пораки испратени во 14 и 15 часот, преку специјалниот број за итни случаи 112, побараа од жителите на повеќе делови во близина на Коринт да ги напуштат домовите, а досега, превентивно, евакуирани се 12 населби и два манастири.

Пет од селата беа евакуирани синоќа, а останатите седум во текот на денешниот ден.

Поради ветерот, пожарот се шири брзо, а неофицијално, според медиумите, дел од куќите претрпеле материјална штета.

Пожарот е на околу 80 километри од Атина, а чадот, стигна и до грчката престолнина, но и до Кикладските острови.