На 29 јуни, поворка низ Скопје на граѓани кои се приврзаници на бракот, семејството и традицијата

В сабота на 29 јуни во Скопје се организира граѓанско-верски настан за поддршка на традицијата, бракот и семејството.

Собирно место за поворката која ќе прошета по улиците на градот е платото пред црквата „С. Богородица“ (помеѓу МНР и МАНУ) од 10 до 11 часот, а околу 11 часот е предвидено да тргне поворката во прошетка.

– Настанот е граѓанско-верски затоа што како граѓани на Македонија, но и како членови на верските заедници (МПЦ – ОА, Римокатоличка црква, Евангелско – методистичка црква, Евангелска црква, ИВЗ и други), како и преку здруженија, организации и движење заедно се здружуваме во Сојуз за живот, велат организаторите.

Настанот има за цел преку заедничка семејна прошетка од просторот пред црквата „Св. Богородица“ до дворот на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ да ја засведочи вистината за животодавното разбирање за тоа што е брак, емејство, род, пол, вера, благослов, смисла, сопруг, сопруга, деца, внуци, баба, дедо, радост, живот…

Предвидено е во дворот на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, како завршница на сведоштвото за семејството да се прочита заедничка декларација за заштита и промовирање на традиционалното и природно разбирање за тоа што е брак, семејство, пол и род.

– Ако бракот, семејството, верата, животот, љубовта и божјата вистина ти се вредност во животот, тогаш Те замолуваме да ја споделуваш оваа покана. Се гледаме на 29 јуни 2019, од 10 часот пред платото на црквата „Св. Богородица“, гласи пораката од Сојузот за живот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.