На 434 граѓани по 500 денари за кубен метар купени дрва, ќе дава Општина Кисела Вода

Субвенции за огревно дрво ќе добијат 434 граѓани од Општина Кисела Вода кои доставиле документација. Општинската комисија ги разгледа поднесените барања на лицата кои се пријавија на објавениот повик на локалната самоуправа и го изготви списокот на одобрените апликации, за кои исплатата ќе се изврши до крајот на годинава. Се работи за финансиски надомест во износ од 500 денари за секој купен метар кубен (1 m³) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри (10 m³), соопштија од таму.
Вкупно беа отворени 447, одобрени 434, додека 13 барања беа одбиени поради некомплетна документација. Останатите пристигнати барања не беа отворени заради запазување на критериумот наведен во јавниот повик, дека селекцијата ќе се прави по принципот прв дојден – прв услужен, се до исцрпување на предвидените средства во висина од 1.200 000,00 денари.
Покрај субвенциите за огревно дрво, Општина Кисела Вода веќе обезбеди донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, како и субвенција за купување печки на пелети, со цел во услови на претерано зголемени цени на енергенсите, граѓаните полесно да го поминат зимскиот период. Воедно, оваа локална самоуправа го започна и проектот “Грижа и сигурност за секое дете”, кој содржи социјални мерки за финасиска поддршка на социјално загрозените и еднородителските семејства, а мерките за помош на населението, Општина Кисела Вода ќе ги продолжи и во наредниот период.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.