На 57 години почина Вили Гарсон, актерот од „Сексот и градот“

Американскиот актер Вили Гарсон, најпознат на пошироката публика по улогата на агентот Стенфорд Блеч во телевизиската серија „Сексот и градот“, почина на 57-годишна возраст, објави неговиот син кој не ја откри причината за смртта.

Во популарната серија на HBO доверена му беше улогата на блискиот пријател на Кари Бредшоу, која ја играше Сара Џесика Паркер.

Последниот период работел на спин-оф серијата под називот „And Just Like That“. Гарсон на публиката ѝ е познат и по улогата на измамникот Мози во тв-серијата „White Collar“.

Роден е како Вилијам Гарсон Пасзмант во Њу Џерси 1964 година, а по студиите на глума и убави уметности магистрирал на драмскиот оддел на престижниот универзитет Јејл.

Во 1980-те години оствари помали улоги во популарните телевизиски серии, меѓу кои „Кафулето наздравје“, „Семејни врски“ и „Законот во Лос Анџелес“. Подоцна во помали ролји се појавуваше и во сериите „Досиеја Икс“, Пријатели“ и „Boy Meets World“. Серијата „Сексот и градот“, којашто го прослави, почна да се емитува во 1998 година, а Гарсон глумеше и во двата филма од оваа франшиза.

Марио Кантоне, кој го играше неговиот партнер Ентони Марентино, на Instagram напиша „Очаен сум, преплавен од тага… Беше како Божји дар“.

„Сите го сакавме и обожувавме да работиме со него. Беше бескрајно духовит и на снимањата и во вистинскиот живот. Беше извор на светлината, пријателството и знаењето за шоубизнисот“, напиша Синтија Никсон, која во серијата го толкуваше ликот на Миранда Хобс.

Извршниот продуцент на серијата „Сексот и градот“, Мајкл Патрик Кинг, откри дека Гарсон работел „дури и во текот на болеста“ без да наведе поединости. „Неговиот дух и доследност на работата беа постојано присутни. Неговата актерска даровитост и посебност на сите ќе ни недостигаат“.

Гарсон беше голем поборник на посвојувањата и во 2009 година го посвои синот Натан, кој ја објави веста за смртта на актерот на социјалните мрежи.