На 65-тиот роденден: Меркел е добро и е способна да го одработи целиот мандат

Ангела Меркел денес го слави својот 65 роденден, но и покрај шпекулациите за нејзиното здравје таа уверува дека ќе остане на функцијата канцелар на Германија до крајот на мандатот во 2021 година.

Здравјето на канцеларката Ангела Меркел е добро и планира да го отслужи целиот мандат до 2021 година во коалиција со сојузниците од Социјалдемократската партија, изјави денеска шефот на нејзиниот кабинет Хелге Браун.

Меркел последните недели неколку пати се тресеше на јавни церемонии, што предизвика шпекулации за нејзината здравствена состојба, а таа инсистираше на тоа дека е добро.

Браун рече дека здравјето на канцеларката е добро и оти е способна да го одработи целиот мандат, до сојузните избори закажани за 21 октомври 2021 година.

Браун очекува социјалдемократите да останат во коалиција со конзервативниот блок на Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија.

Светските медиуми денес и посветуваат внимание на Меркел и нејзиниот 65-ти роденден и секој со свој поглед на нештата. На пример Би-би-си текстот го пласира со наслов „Една силна жена која заради тресењет ја загрижи нацијата“. Можеби се не е кажано, но многу секако.

Ангела Меркел, Енџи, е политички лидер со додавката неприкосновен, таа е синоним за стабилен и силен политичар кој тежнее кон компромиси, таа е личност на годината во магазинот „Тајм“, избрана неколку пати за најмоќен светски лидер. Но, Меркел е и поп икона, инспирација за уметниците, за карикатуристи, за фотографи.

Британскиот печат, пак, се фаќа за нејзината возраст, па ќе констатира – „таа има 65 години, но далеку е од тоа да биде еден од најстарите светски лидери. На функцијата канцелар дојде во 2005 година. Британски „Експрес“ потсетува дека Тереза Меј е три години помлада, односно има 62 години, а Борис Џонсон 55. Најстар е лидерот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин кој има полни 70 години, а Доналд Трамп 73.

Но, како што потсетува „Експрес“, тој не е најстариот претседател во историјата на САД, притоа потсетувајќи дека Роналд Реган кога бил на таа функција имал 77.

Кои се најстарите државници? Во моментов најстар е премиерот на Малезија, Махатхир Мохамад кој има 94 години, а функцијата ја презеде лани. Потоа следува британската кралица Елизабета Втора која има 93 години, а претседателот на Тунис Беџи Каид Есеби – 92 години.

Драга Ангела, и рече Путин

Инаку, до Меркел денес е испратена роденденска честитка и од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Роденденот и го честитал телефонски.

„Драга Ангела, Германија, Европа и целиот свет го ценат вашето лидерство и долгогодишната работа како федерална канцеларка“, и рекол Путин.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.