На Аљаска пронајдени над 60 угинати фоки

Најмалку 60 угинати фоки се откриени на бреговите на Беринговото и Чукотското Море во северозападна Аљаска, па научниците истражуваат што ја предизвикало нивната смрт, соопшти американската Национална управа за океаните и атмосферата.
Угинатите брадести, пегави и прстенести фоки биле пронајдени во релативно плитки води, каде што температурата на површината е повисока од вообичаената за Арктикот.
„Сепак, причината за поморот на толку голем број фоки сè уште е непозната“, изјави Џули Спигл, портпарол на Националната управа.
Во Беринговото Море веќе речиси и да нема мраз, а летното топење се случува најмалку три недели пред вообичаениот период. „Во Чукотското Море топењето порани околу еден месец“, изјави климатологот Брајан Бретшнајдер.
Угинувањето на фоките се случува во време кога стигнаа и вести за угинати сиви китови долж американскиот Западен Брег, од Калифорнија до Аљаска. Тој помор американските власти го означија како „невобичаен смртен настан“, што подразбира посебна истрага.
Засега, не се знае со сигурност дали угинувањето на фоките и китовите е поврзано.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.