Најавена соработка меѓу „Ролинг стоунс“ и Пол Макартни

Британскиот состав „Ролинг стоунс“ и Пол Макартни ги здружија силите за нова заедничка песна којашто ќе биде дел од претстојниот албум на рок-бендот, изјави нивниот претставник за јавноста.

А, поранешниот член на групата „Битлс“ веќе снимил делови од песната, „под палка на носителот на одличјето ‘Греми’ за продуцент на 2021 година, Ендрју Ват“. Исто така, се наведува дека снимките неодамна биле направени во Лос Анџелес и дека, наводно, поранешниот колега од бендот на Макартни, Ринго Стар исто така треба да свири на новиот албум, кој ќе биде објавен подоцна оваа година.

„Стоунси“ потврдија дека Макартни бил „поканет да свири бас на една песна“, но не и дека Ринго Стар бил вклучен.

Во видео порака на својот интернет-простор, гитаристот на „Ролинг стоунс“, Кит Ричардс им порача оти „нова музика е на пат“, на обожавателите. Новиот албум ќе биде прв по смртта на тапанарот на групата, Чарли Вотс, во 2021 година.