Најави за законски измени за зголемување на ингеренциите на ДПИ и МВР, за Комисијата мерките се „меки“

Новите мерки и малата промена на протоколите апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани.

Вака одговорија од Комисијата за заразни болести на реакцијата на Независната угостителска комора на новите мерки кои се воведоа на предлог на Комисијата, откако инспекциите на терен изминатиот период, посебно викендот што измина, се соочија со голем број прекршувања на досегашните мерки и протоколи.

„Препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави“, се вели во реакцијата од Комисијата.

Оттаму објаснуваат дека целта е со вакви помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи.

Независната угостителска комора (НУК), вчерашните најнови владини мерки ги оцени како крпеници од протоколи и најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите на две недели.

Според нив, поради десетина неодговорни угостители, Комисијата за заразни болести со новите мерки казнува 6 500 угостители со 35 000 вработени.

Премиерот Зоран Заев, денеска одговарајќи на новинарско прашање за реакциите на новите мерки за угостителството, повика на разбирање и на соработка.

„Ние ги почитуваме и естрадните уметници и диџеите, но ја почитуваме и здравствената комисија. Важна е егзистенцијата, но предност има здравствениот аспект. Има пакети за помош и ќе има повеќе, никој нема да биде заборавен. Внимателно ќе ги разгледаме и предлозите за поголеми ингеренции за ДПА и МВР преку законско решение. Пред некој ден имавме објект кој доби парични казни, но немаше мерка затворње и тоа е слабост. Ако решението е оправдано, издржано и поддржано од јавоста, ќе го поддржиме“, изјави Заев.

Министерот за економија Крешни Бектеши денеска рече дека негов е предлогот за зголемување на ингеренциите на Државниот пазарен инспекторат уште во вонредната состсојба, и дека тоа веќе се разгледува во Владата.

Според него, се уште нема бројки за пад во угостителскиот сектор, но најави дека ќе излезат во пресрет на сите засегнати сектори