На Бајден му се виновни Русија и Кина и за неконкретната заедничка изјава на Г20

Американскиот претседател Џо Бaјден во неделата ја префрли вината врз Русија и Кина поради недоаѓањето на нивните челници на самитот на Г20 во Рим, велејќи дека двете земји биле одговорни за неконкретните цели наведени во завршната заедничка изјава на групата дваесет најразвиени земји во светот.

Сфаќајќи го незадоволството на бројните климатски активисти од заклучоците од самитот на индустриски најразвиените земји во светот, американскиот претседател се обиде да ги обвини Кина и Русија.

„Разочарувањето се однесува на фактот дека Русија и Кина не се појавија во смисла на некоја обврска во борбата против климатските промени, и тоа е причината зошто луѓето се незадоволни од тоа. И јас сметам дека тоа е разочарувачки“, изјави Бајден на прес-конференцијата во неделата доцна вечерта во Рим.

Челниците од групата Г20 во неделата се соглaсија околу завршната изјава којашто повикува на „значително и ефикасно“ дејствување за да се ограничи глобално затоплување, но дава малку конкретни обврски.

Ова беше првпат повеќето лидери на Г20 да се среќаваат во живо откако започна пандемијата на коронавирусот.

Рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на врвот на челниците на Г20 кој викендов се одржуваше во Рим учествуваше виртуелно поради лошата епидемиолошката ситуација во земјата и Европа, како што од претходно најавија од Кремљ. Кинескиот челник Кси Џинпинг, кој на самитот на Г20, исто така, учествуваше преку видео-врска не ја напушти Кина од почетокот на паднемијата на коронавирусот.

„Ништо не може да ги замени преговорите во живо за светската соработка“, истакна Бајден.

Сепак, американскиот претседател вели дека Г20 постигнале значителен напредок во пресрет на климатската конференција во Глазгов. Бајден, меѓутоа, рече дека е клучно „да се знае што Кина не прави, што Русија не прави и што Саудиска Арабија не прави“.

Многу климатски активисти, па дури и некои политички функционери, оценија дека Г20 не оделе доволно далеку, особено во борбата против климатските промени.

Бајден, исто така, рече дека самитот на Г20 во Рим „ја покажа моќта на Америка кога ќе се ангажира“, но не прецизираше на што се однесува тоа.

„Она што тука го видовме, тоа е моќта на Америка кога ќе се ангажира и работи со нашите сојузнички партнери на проблемите“, истакна Бајден.

Според него, Г20 имал „опипливи“ резултати кога станува збор за климата, економијата и пандемијата.

„Мислам дека реализиравме опиплив напредок, делумно благодарејќи на решителноста која САД ја донесоа на (преговарачката) маса“, заклучи Бајден.