Најчевска порача: Престанете со тресење глупости! Референдумот се однесува на прашање кое е во исклучива надлежност на Собранието

Не запираат реакциите во јавноста откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрли иницијативата за референдум на ВМРО-ДПМНЕ, за поништување на договорот со Бугарија. По различните ставови на правниците, од кои дел одеа во насока дека Собранието е ненадлежно, универзитетската професорка Мирјана Најчевска вели дека референдумот се однесува на прашање кое е во исклучива надлежност на законодавниот дом.

-Ве молам да престанете со тресење глупости. Договорот со Бугарија е ратификуван во Собранието. Собранието е единствениот надлежен орган за ратификација на меѓународните договори. Не мешајте потпишување на договор со негова ратификација. Меѓународните договори не произведуваат правно дејство со потпишување туку со ратификација.
Дајте елементарна правна писменост. И да референдумот се однесува на прашање кое е во исклучива надлежност на Собранието. Исклучива. Нема тука никаква аномалија освен таа што луѓе со многу скромно познавање на правото се универзитетски професори, вели Најчевска.

Таа појаснува дека со референдумот граѓаните го искажуваат своето мислење.

-Власта треба тоа мислење да го преточи во конкретна процедура која ќе го даде посакуваниот резултат, тоа е нејзина работа. Никој не смее да ги спречи граѓаните да го искажат мислењето. Тоа се вика демократија. Не е важно дали ми се допаѓа темата на референдумот. И не е важно дали ми се допаѓа мислењето кое го имаат граѓаните. Важно е функционирањето на државата како демократска, вели професорката.

Таа ги оспорува и тврдењата на дел од правниците кои тврдат дека не постои постапка за дератификација на меѓународни договори.

-Па во Конвенцијата од 1969 има 10 членови кои зборуваат токму за актот на истапување од договорите.
Затоа и се нарекуваат договори, затоа што луѓето се договараат. Секој договор може да биде напуштен во конкретна процедура (предвидена во самиот договор или во некој друг акт). Значи не може да се раскине договорот надвор од процедурата, но договорите не се вечни. Обврските поврзани со договорите и нивното исполнување по раскинувањето или во случај на раскинување на договорот се регулирани во самиот договор. И не, Претседателот на Собранието не го толкува Уставот туку го применува.

Собранието може да даде автентично толкување на конкретен закон, а Уставниот суд официјално толкување на Уставот.
Инаку секој од нас во процесот на примена на законите во исто време и ги толкува. Меѓутоа тоа е нешто сосема друго од официјалното толкување.
И да, во моментот кога Претседателот на Собранието ќе ги прекрши процедурите тој мора да биде отстранет од соодветната позиција. Во најмала мера.

А секој кој склучува меѓународен договор тоа го прави во име на граѓаните. Нели единствено граѓаните се носители на суверенитетот во државата и тој суверенитет не може да им биде одземен. А референдумот е една од алатките на практикување на тој суверенитет, децидна е Најчевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.