На црната листа на ЕУ додадени двајца високи функционери на Хамас

Двајца високи функционери на военото крило на палестинскиот исламски Хамас се додадени на црната листа на Европската унија, која воведува санкции против поединци и организации вклучени во терористички акти, објави денеска Советот на ЕУ.

Како што е наведено, санкциите меѓу другото се состојат и во замрзнување на сите средства што ги имаат во ЕУ.

Од денеска на списокот се Мухамед Деиф, главниот командант на военото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам и неговиот заменик Марван Иса.

-Одлуката е дел од одговорот на ЕУ „на заканата од Хамас и неговите брутални и недискриминирачки терористички напади што се случија во Израел на 7 октомври 2023 година“, се нагласува во коминикето.

Палестинското исламистичко движење е признаено како терористичка група од Европската унија, како и од САД, Канада и Израел.

Се очекува ЕУ да воведе нови санкции против Хамас во наредните недели, изјави европски претставник кој сакаше да остане анонимен.