На Деве Баир се чека и по 30 минути, на Станке Лисочков до два часа за влез во Македонија

На граничниот премин Деве Баир има зголемена фреквенција и задржувања од минимум 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на екипите на ЈП Македонија Пат. Забраните за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци крак Маврово – Дебар и Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража се укинати.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.

Околу два часа се потребни македонски државјани да влезат на територијата на Република Македонија кај бугарскиот граничнен премин Станке Лисичково каде од рано утрово е забележлива поголема колона возила. Како што информираат патници кои од Бугарија патуваат кон граничен премин Делчево, причината за задржувањето е пад на електронскиот систем.

-Чекаме од 9 часот утрово. Ни рекоа дека има пад на електронскиот систем со кој се регулира движењето на патниците. Информација до кога ќе трае задржувањето се уште немаме. На ова ладно време она што ни преостанува е да чекаме во автомобилите, друг избор и немаме, велат македонски патници кои во моментот се наоѓаат од другата страна на граничниот премин Делчево.

Патниците кои се движат од границата на Република Македонија кон соседна Бугарија засега го немаат тој проблем. Од информациите на делчевската гранична служба во моментот сите потребни проверки траат кратко и не е забележано поголемо задржување.

Зголемување на интензитетот на сообраќајот, како што наведуваат делчевските граничари се очекува во попладневните часови кога поради пазарниот ден граѓаните од соседна Република Бугарија се враќаат од Делчево кон својата држава.