Најдобар филм „Сѐ во исто време“, најдобри актери Брендан Фрејзер и Мишел Јео

Најдобар филм на 95-ти Оскари беше филмот „Сѐ во исто време“, кој победи во вкупно седум категории, а најдобри главни актери беа Брендан Фрејзер за улогата во филмот „Кит“ и Мишел Јео за филмот „Сѐ во исто време“.

„Сѐ во исто време“, мешавина од акција, изопачен хумор и научна фантастика, ја следи кинеската имигрантска сопственичка на перална Евелин Ванг, која ја игра Мишел Јео, која е зафатена од семејни и даночни грижи. Во хаосот на секојдневниот живот, таа открива постоење на паралелен универзум и влегува во конфликт со злобно суштество кое подоцна се испоставува дека е алтер егото на нејзината ќерка.

„Ѝ благодарам на Академијата. Благодарим на студиото А24. Ја забележавте нашата чудност и нѐ поддржувавте една година“, рече продуцентот на филмот Џонатан Ванг при врачувањето на златната статуетка.

Филмот „Сѐ во исто време“ ја започна трката за Оскар со 11 номинации, а покрај во категориите најдобар филм и женска главна улога, награден е и во категориите режија, споредни машки и женски улоги, оригинално сценарио и монтажа.

Номинирани за најдобар филм беа и „Ништо ново на запад“, „Аватар: Патот на водата“, „Духовите на островот“, „Елвис“, „Фејбелманови“, „Тар“, „Топ Ган: Маверик“, „Триаголник на тагата“ и „Жените зборуваат“.

Мишел Јео најдобра актерка

„За сите момчиња и девојчиња кои ме гледаат вечерва, ова е светлина на надеж и можност. Ова е доказ дека соништата навистина се остваруваат“, рече 60-годишнат Јео додека го примаше својот Оскар за најдобра женска улога.

„И, дами, не дозволувајте некој да ви каже дека вашето време минало“, рече актерката на којашто ова ѝ беше првата номинација во кариерата што ја започна во Хонгконг во акциони филмови.

Меѓу нејзините најпознати филмови се „Тигарот и змејот“, „Мемоарите на една гејша“ и „Налудничаво богати Азијци“.

Покрај Јео во конкуренција за Оскар беа Кејт Бланшет за улогата на манипулативна диригентка во филмот „Tár“, Ана де Армас за улогата на Норма Џин (Мерилин Монро) во биографската психолошка драма „Blonde“, Андреа Рајзборо за нејзината улога во филмот „To Leslie“ и Мишел Вилијамс за улогата во „Fabelmans“

Брендан Фрејзер, најдобар актер

„Благодарен сум му на Дарен Аронофски затоа што ми дофрли креативен појас за спасување и ме повлече на добриот брод….“, рече Фрејзер при врачувањето на Оскарот за неговата улога на дебел, повлечен професор кој предава онлајн, но надвор од камера затоа што се срами од својот изглед.

Фрејзер, најпознат по улогите во „Џорџ од џунглата“ и трилогијата „Мумија“, доби Оскар за својата прва главна улога по девет години.

Филмот „Кит“ доби и Оскар за шминка и фризура.

Заедно со Фрејзер, Остин Батлер беше номиниран и за Оскар за главна машка улога за неговиот портрет на рок легендата во филмот „Елвис“, Колин Фарел за улогата на фармер опседнат со обновување на пријателството во „Духовите на островот“ , Пол Мескал за улогата на татко во филмот „После сонцето“ и Бил Наји за улогата во филмот „Living“.