„Најдоброто“ од СДСМ – Најлошо за граѓаните и за Македонија

Овие локални избори владејачката СДСМ ги тера со слоганот „Најдоброто“. Па така, „Најдоброто“ е во кампањата за сите 57 нивни актуелни градоначалнички места, и во уште неколку кои не успеаа да ги освојат во 2017-та година.

А, во изминативе пет години централна и четири години локална власт под палката на СДСМ, увидовме дека нивното „Најдобро“ е всушност најлошото за нас граѓаните и за нашата држава Македонија. Нивната централна власт е вмешана во дузина колосални скандали. Некои од тие скандали народот ги плати и со човечки животи. 14 наши сограѓани живи изгореа во тетовската модуларна болница, а околу 7.000 починаа од Ковид 19. Ама министерот за здравство Венко Филипче уште и си тера кампања, си држи говори на митинзи. Еден од покрупните случаи е и тероризирањето и нечовечки однос и изживување врз бизнисменот Јордан Камчев. Ама Зоран Заев, како и Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ, исто така си тераат кампања. И каква треба да биде пораката за нас граѓаните кога ги гледаме? Кој нема да гласа за „Најдборото“ нека му ја мисли да не биде новиот Јордан Камчев? „Најдоброто“ нема што. Да не ги редиме финансиските скандали, тешки десетици и десетици милиони евра, украдени народни пари.

Е, сега некој ќе каже во ред тоа, но што имаат врска сите тие работи со локалните избори и кандидатите на СДСМ? Па има и тоа многу зошто со кој си, таков си. Нивните кандидати се избор на нивното раководство, кое е локомотивата во сите афери и скандали. Како што вели нивниот лидер Заев – „сидрото што влече напред“. Значи ако некој од Зоран Заев, Венко Филипче, Оливер Спасовски, Љупче Николовски, Мила Царвоска, Бојан Маричиќ… не е согласен некој од кандидатите да добие поддршка, тогаш тој и немал да добие. Носителите на сите крупни афери и скандали во Македонија во изминативе пет години, а ги има навистина многу, си избраа кандидати по свој ќеф. Со еден збор си избраа пиуни. Секој од тие пиуни што ќе успее да се дограби до градоначалничка функција, ќе биде ништо повеќе од еден обичен слеп партиски послушник и извршител. Толку. Ќе добиеме ништо повеќе од континуитет на функционерска летаргија и незаинтересираност, и ќе треба повторно да чекаме три години и 11 месеци за нешто да биде сработено во нашето место на живеење, оти тие од „Најдорбото“ ни докажаа дека се фаќаат за работа само еден месец пред избори. А, во тие три години и 11 месеци бесрамно ќе не’ трујат со лажни вести, продуцирани директно од врвот на СДСМ, почнувајќи од нивниот лидер Зоран Заев, преку Венко Филипче, па надолу, дека се искилавиле од работа. Досега многупати виден филм од „Најдоброто“.

Работата ни е повеќе од сериозна, и само масовна излезност на изборите може да не’ спаси, оти тие од „Најдоброто“ веќе тргнаа во поход со „црни вреќи“, почнувајќи од Битола. Ги видовме на видео снимка. Нема да сопрат се’ додека не си ја остварат целта, и потоа да не’ убедуваат дека се „Најдоброто“.

Ама убеден сум дека граѓаните во Македонија знаат дека тие од „Најдоброто“ се најлошото и дека јасно покажаа оти в недела има само еден избор – да не им дадеме глас на „Најдоброто“.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.