Најдоцна до утре вечер Владата ќе прогласи кризна состојба, изјави Заев

Кризната состојба ќе биде прогласена најдоцна до утре вечер, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со претседателот Стево Пендаровски, по завршувањето на состанокот на Кризниот штаб.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во денешното обраќање, по седницата со Советот за безбедност, истакна дека после исцрпна дискусија во која учествувале сите присутни, донесен е заклучок со кој Советот за безбедност и предлага на Владата прогласување на кризна состојба на територија на целата земја.

-Во моментов ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци и во тие подрачја војската и полицијата работат заедно. Сега таквата соработка, откако ќе биде декларирана кризна состојба, ќе биде овозможена буквално на целата територија на земјата – посочи Пендаровски.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека ова значи дека на располагање во лекувањето на заразените се ставаат и приватните болници, но и нивниот медицински кадар.

Претседателот потенцираше дека управувањето со приватните здравствени установи не значи нивна национализација.

-Втората важна разлика е што Владата ќе може да управува со ресурсите на државната управа, јавните претпријатија, општините и градот Скопје, како и приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за управување со нив во битката со пандемијата, во обем во кој Владата ќе оцени. Приватната сопственост е гарантирана со Уставот и тука не станува збор за менување на сопственоста – рече Пендаровски.

Воведувањето на полициски час не зависи од кризната состојба, кажа Пендаровски, додавајќи дека за тоа одлучува Владата.

-Воведувањето на кризната состојба на цела територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување на рестрикции во движењето. Тоа е надлежност на Кризниот штаб и Владата, како и Комисијата за заразни болести – објасни претседателот.

Ова е прв пат во Македонија да биде прогласена кризна состојба на цела територија.