На Економскиот форум за регионална соработка ќе бидат потпишани два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор

Кабинетот на премиерот Заев во координација со кабинетите на претседателот Вучиќ и премиерот Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот ги завршуваат последните подготовки за економскиот форум во Скопје кој е од исклучително значење за регионот. Претходниците на кабинетите на високите гости се веќе присутни во Скопје и помагаат во организацијата на овој значаен настан. Инаку повеќе од 300 компании ќе бидат присутни но и претставници од меѓународните институции кои пројавија голем интерес за настаните кои се дел од овој форум. На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како “мал шенген”. На форумот ќе  се потпишат два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата, велат од Владата.

„Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија. Во таа смисла, двата предметни документи претставуваат операционализирање на иницијативата за подобрување на условите во однос на размената на стоки и услуги, како и на иницијативата за соработка меѓу државите во однос на зашита и спасување од катастрофи.

Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан се темели на подготвеноста на политичките водства на трите држави за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, особено во областите на увозот, извозот и движењето на стоки, со цел отстранување на пречките во меѓусебната прекугранична трговија, придонес за напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.

Во содржинска смисла, Меморандумот содржи одредби за: поедноставување на формалностите поврзани со увоз, извоз и движење/транзит на стоки; соработката на царинските и другите надлежни органи; како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања; и слободното движење на индустриски непрехрамбени производи.

Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан претставува операционализација на изразената спремност на лидерите на трите држави негови потписнички (Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија) за меѓусебна соработка во спречување и ублажување на последиците од катастрофи. Со него договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање на помош во случај на катастрофи: планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, пандемии, како и индустриски и други катастрофи; взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи; едукација и обука на персоналот на службите, единиците за заштита и спасување и друите членови на спасувачките тимови; размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи; и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.

Договорот исто така предвидува и: обврска за известување за закани; процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош; заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти; начин на надоместување на штети; начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење на средства за комуникација.

Третиот меморандум е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето со цел да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со цел отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Ова е потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

Лидерите се во постојана комуникација и развиваат идеи, концепти и планови за нови трилатерални економски иницијативи и инвестиции кои ќе значат нови вработувања, директни бенефиции за народите и нови олеснувања на протокот на луѓе, стоки и услуги“, соопштија од владината прес-служба.