На Европа и САД најмногу им се закануваат домашните џихадисти

Враќањето во родната земја на ветераните од сирискиот џихад ги мобилизира светските антитерористички служби, но засеа најопасни се локалните џихадисти, индоктринирани во сопствената земја, предупредуваат американските експерти.

Иако локалните екстремисти не се толку искусни, последните месеци во Европа и во САД докажаа дека можат неочекувано да нападнат и речиси невозможно е да бидат детектирани пред да тргнат да дејствуваат.

„Во Франција, Америка или на други места сигурно нема да има големи напади организирани од странство, како оние од 13-ти ноември 2015 во Париз“, тврди американскиот стручњак за џихадистички тероризам Марк Сејгман, поранешен агент ан Централната разузнавачка агенција (CIA).

Отсега оние кои изведуваа напади, тука или во Европа, не се веќе наведувани од Исламската држава, туку се мобилизираат самите, замислувајќи дека се војници на идеализирани исламски заедници, дури и измечтаени, кои сакаат да ги бранат или да ги одмаздат“, додава Сејгман.

Акајед Ула(х), момчето од Бангалдеш кое на 10-ти декември се обиде да активира импровизирана бомба која ја носел на себе во њујоршката подземна железница, и Сајхула Саипов, 29-годишен Узбекистанец кој усмрти осум лица и рани 12 прегазувајќи ги со изнајмен камионет во Њујорк на 21-ви октомври, биле поврзани со Исламската држава само преку гледање на пропагандни видео-снимки.

Во Соединетите држави тие се најновите примери на листата саморадикализирани џихадисти кои претставуваат речиси нерешлив проблем за полициските и разузнавачките служби.

„Опасноста од ветераните на џихадот не смее да се потцени, но таа не е онаа што најмногу загрижува“, тврди Алберт Форд кој работи на феноменот „домашен екстремизам“ во рамките на аналитичката група New America.

„Оние коишто веќе легално се наоѓаат во земјата претставуваат најтежок проблем. Нападите неодамна изведени во САД беа дело на луѓе родени тука или населени во земјата веќе со години, Тоа е вистинската опасност: несофистицирани напади но смртоносни, како што се случи во октомври во Њујорк“, додава Форд.

Според бројките со коишто располагаат во New America, 85 отсто од 415 лица обвинети за злосторства поврзани со исламистичкиот тероризам во САД по 11-ти септември 2001 година, биле американски државјани или лица кои имале легален престој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.