Најголем број заразени на дневно ниво во Франција од крајот на мај

Во Франција во средата е потврден најголемиот број новозаразени во последните повеќе од два месеца – 1.695 лица, што е воедно и седми ден по ред во кој бројот на заразените е поголем од 1.000, а таквата низа не е забележана од крајот на април, кога земјата беше во карантин.

Во август просечно на дневно ниво во Франција имаше по 1.222 заразени, што е речиси тројно повеќе од 435 заразени во еден ден во јули, но и двојно помалку од дневниот просек од 2.585 во април, кога епидемијата од коронавирусот беше во најсилниот налет во земјата.

Сепак, бројот на пациентите хоспитализирани на одделите на интензивна нега се намалил за четворица пациенти, на 384 лица. Бројот на хоспитализираните, исто така, паднал за 14 пациенти, па вкупно во моментов во Франција се хоспитализирани 5.148 лица.

Во текот на кулминацијата на епидемијата на 8-ми април, на одделите за интензивна нега беа хоспитализирани 7.148 лица, додека на лекување во болниците најмногу луѓе имаше на 14-ти април – 32.292 лица.

Во средата е потврдена смртта на девет пациенти, па со тоа Франција бележи 30.305 починати, со што земјата е седмата на светот по бројот на смртните исходи од Covid-19. Вкупно, од избувнувањето на пандемијата, потврдени се 194.029 случаи на зараза со коронавирусот во Франција.

Најголемите француски летувалишта наметнаа задолжително носење заштитни маски на отворено, додека во некои места ограничен е пристапот до плажите. Се очекува дека многу скоро и властите на Париз ќе наметнат задолжително маски на бреговоти на Сена и околу Каналот Сен-Мартен, како и на другите места кои се популарни меѓу туристите.