Најголема политичка грешка е што се согласив да соработувам со одредени партии кои ги ставаат сопствените интереси пред државните, рече Петков по падот на владата

90

Владата на Кирил Петков падна со 123 гласови „за“ наспроти 116-те пратеници кои беа „против“. До ваква разврска дојде откако владејачката коалиција го загуби своето мнозинство поради споровите околу буџетските трошоци и прашањето дали Бугарија треба да ги деблокира разговорите за пристапување на северна Македонија во ЕУ, пишуваат странски медиуми.

Петков, 42-годишен студент на Харвард, кој вети дека ќе се бори против корупцијата, зазеде цврст проевропски и про-НАТО став откако Русија ја нападна Украина, што е необичен поглед на земјата традиционално пријателска кон Москва. Агенцијата се повикува на мислењето на аналитичарите кои предвидуваат дека со новата влада, политиката на Бугарија кон Русија ќе биде понеутрална. Според Петков, „ова гласање е мал чекор во многу долг пат“.

Земјата сега се соочува со можни четврти парламентарни избори во април 2021 година, што е закана по милионите евра од европските фондови за обнова и нејзините намери да го усвои еврото до 2024 година. Политичката блокада, исто така, може да ги попречи напорите на Бугарија да обезбеди одржливо снабдување со природен гас, откако Москва го прекина снабдувањето со природен гас за земјата која е речиси целосно зависна од рускиот гас поради одбивањето на Софија да плати во рубљи, пишува Ројтерс.

АП додава дека Бугарија ја блокирала кандидатурата за членство на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, и забележува дека денешното гласање може да доведе до зголемено руско влијание во регионот.

Франс прес пишува дека гласањето за недоверба се случи во услови на несогласувања засилени со војната во Украина. Агенцијата вели дека Бугарија, најсиромашната земја во ЕУ, сега се соочува со ризик од спирала на нови избори, откако Бугарите издржаа три последователни избори минатата година – до сензационалниот влез во политиката на проевропскиот либерал Кирил Петков, решен да расчисти со корупцијата по еднодецениското контроверзното владеење на Бојко Борисов.

Премиерот Петков дојде на власт со надеж дека Бугарија ќе ја трансформира во нормална, успешна европска држава без мафија, но војната во Украина му ја наруши агендата. Стратегијата на Петков за приближување кон Република Северна Македонија не им се допадна на сите, пренесе АФП.

Во својата информација за гласањето недоверба, руската агенција ТАСС истакна дека во својот говор пред пратениците Петков ги обвини лидерите на опозициските партии и рускиот амбасадор за неуспехот на владата.

Кога беше објавена одлуката за падот на бугарската влада, Петков си го отвори срцето и им призна на медиумите во оваа земја дека негова најголема политичка грешка е што се согласил да соработува со одредени бугарски партии кои ги ставаат сопствените интереси пред државните.

„Бојко Борисов (поранешен премиер и лидер на опозицијата оп.а.) ѝ нареди на целата ГЕРБ да гласа за падот на владата. Тие беа како овци. Не ги ни праша што мислат за тоа. Овие 59 луѓе зависеа од еден кој не ни беше во Парламентот. Кога станува збор за партијата „Има таков народ“, тие зависат од човек кој ѝ се обраќа на јавноста од темнината на својата соба, ќелав и зборува како икона на злото (Слави Трифонов). Ниту еден од луѓето во оваа партија не е слободен да одлучува сам“, рече Петков.

„Во овие шест месеци сакавме да се бориме против моделот на корупција изразен преку партии како што се ГЕРБ и Има таков народ, и да ги браниме бугарските, а не странските интереси. Мислам дека руското влијание навлезе овде“, изјави Петков.

Сепак, тој посочи дека власта направи неколку грешки во својот мандат.

„Една од нив беше што работевме од утро до вечер, а не комунициравме сè што правевме. Од друга страна, имаше постојана реторика која на бугарскиот народ му даваше чувство дека не работиме добро. Меѓутоа, има една работа во која не погрешивме – во ниту една одлука не отстапивме од принципите и ветувањата што ги дадовме“, рече Петков.

После тоа директно ги прозва лидерите на партијата ГЕРБ и Има таков народ, Бојко Борисов и Слави Трифонов.

„Кога станува збор за Трифонов, тој е историја. Тој никогаш повеќе нема да има можност да направи политички проект, а да лаже толку многу луѓе. Луѓето видоа како неговите зборови се претворија во лаги, и тој едноставно исчезна. Збогум“, рече тој.

Петков имаше порака и за поранешниот премиер Борисов.

„Гревовите што сте ги направиле со текот на времето и кражбите што сте ги направиле ќе ве стигнат. Ако денес се чувствувате поудобно поради падот на владата, тоа е привремено чувство. Она што го видов е дека ниту една партија не е подготвена да преговара со вас. Нема да биде фактор“, посочува премиерот на Бугарија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.