Најголемата слатководна риба на светот пронајдена во Меконг

Гигантската раја тешка 300 килограми уловена во реката Меконг во Камбоџа е најголемата слатководна риба пронајдена досега, тврдат научниците.

Претходниот рекордер беше 293 килограми тешкиот сом уловен, исто така, во реката Меконг, но во Тајланд во 2005 година. Сепак, не постои официјална евиденција или база на податоци на најголемите слатководни риби.

Реката Меконг е богата со биоразличност, но прекумерниот риболов, браните и загадување го загрозуваат нејзиниот кревок екосистем. Извира на Тибетската висорамнина и тече низ Кина, Мјанмар, Тајланд, Лаос, Камбоџа и Виетнам.

„Во дваесетте години истражување џиновски риби во реките и езерата на шесте континенти, ова е најголемата слатководна руба којашто сме ја сретнале или која е документирана некаде во светот. Пронаоѓањето и документирањето на оваа риба е исклучителен и редок позитивен знак на надеж, уште повеќе тоа се случи во Меконг, реката којашто во моментов се соочува со бројни предизвици“, рекол за BBC, Зеб Хоган биолог на Универзитетот Невада, и шеф на проектот „Чудата на Меконг“ кој го финансираат САД.

Ноќта на 13-ти јуни локален рибар на островот Ко Преа ги повикал истражувачите велејќи дека уловил „многу голема“ раја. Се покажало дека е долга 3,98 метри а широка 2,2 метра. Откако е означена со акустичен уред за следење на идното движење, рибата била пуштена назад во реката.

„Пронаоѓањето на рајата е доказ дека светот на природата сѐ уште може да донесе нови и исклучителни откритија, како и дека многу од најголемите водни суштества и натаму ужасно недоволно се проучувани“, додал др Хоган.

Гигантската слатководна раја е загрозен вид. Ова е втората гигантска раја којашто истата научна екипа ја прегледала од мај годинава. Првата била тешка 181 килограм.