На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 835 пациенти

Во изминатите 24 часа  во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 835 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а сѐ уште има слободни кревети, информираше во четвртокот министерството за здравство.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во министерството на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 79 пациенти позитивни и суспектни на Covid-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти.

На  инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 116 пациенти позитивни и суспектни на Covid-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 94 пациенти, во Прилеп 119, во ковид центарот во Гостивар 36, а во Струга 14 болни.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се 69 пациенти, во Кочани 21 во Кичево 23, Кавадарци 75, а во Гевгелија 27 лица, позитивни и суспектни на коронавирусот.

Вкупната бројка пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.448 и има околу 270 празни болнички кревети во ковидцентрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има  увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.