На инфективните оддели се лекуваат 1.768 ковид пациенти, во Скопје за 24 часа 76 хоспитализирани

Вкупно 1.768 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 300 празни болнички кревети во ковид – центрите, информира Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 76 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 725 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 1.043 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во последното деноноќие, во Скопје на Интерните и хируршки клиники имало 34 приеми.

Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 17 примени пациенти и осум биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени пет нови болни, а двајца пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени шест пациенти.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 62 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид – центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 140 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти. На Клиниката за детски болести има 16 деца позитивни на ковид-19, а на ГАК има осум позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 58 болни.

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и изутрината до 8 часот имало 65 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 149 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 94 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 36 пациент, во Велес се лекуваат 106 болни, а во Куманово 114 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 105 пациенти, во Прилеп 125 во ковид центарот во Гостивар 48, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 94 пациенти, во Кочани 29, во Кичево 31, Кавадарци 63, а во Гевгелија 26 лица позитивни и суспектни на коронавирусот.