На итниот број 112 на ден има повеќе од илјада лажни повици

„За жал, 80 отсто од повиците на итниот телефонски број 112 се лажни, некои се и злонамерни, во помал број, а другиот се ненамерни и погрешни, луѓето бараат други видови на услуги, но и во тој случај ги пренасочуваме граѓаните. На овој начин ги растоваруваме останатите служби, како полицијата и итната медицинска помош“, изјави денеска Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Станува збор за околу 1.500 повици на ден, што значи дека над илјада од повиците се лажни.

Ангелов рече дека во секторот на итниот број 112 се вработени 50 лица и дека граѓаните се задоволни од услугата

Тој како добра ја оцени иницијативата на Град Скопје за санација на 36 мостови во градското подрачје нагласувајќи дека некои од нив се во лоша, опасна состојба.

Со околу 20 илјади евра ќе се реконструира зградата во која се наоѓа ЦУК и која, според Ангелов, е во лоша состојба, но и посочи и на други проблеми во организацијата со ЦУК.

„Потребна ни е мултифункционална специјална единица за потрага и спасување и противпожарна единица, набавка на медикоптери, во неколку случаи ги користиме полициските, но тие како и армиските имаат друга намена. Нам ни требаат медикоптери, преуредување на законските решенија заради засилено користење на постоечките доброволни спасувачки и планинарски служи, како и целосна обнова на системот за тревожење“, изјави тој.

Ангелов оцени дека благодарение на активностите и заложбите, Центарот за управување со кризи станал препознатлив кај граѓаните.