На изборите во Црна Гора 11 партии се борат за 81 пратеник

Денес во Црна Гора се одржуваат парламентарни избори, петти по прогласувањето на независноста на земјата, а избирачките места се отворени од седум часот утрово.

Заокружувајќи една од 11-те листи, партии и коалиции, граѓаните на Црна Гора ќе изберат 81 пратеник, колку што сочинува црногорскиот парламент.

Изборите се одржуваат за време на пандемијата на коронавирус, па затоа е задолжително да се следат препораките на Националното координативно тело за заразни болести.

Пред гласачите да влезат на избирачкото место и во текот на гласањето, задолжително е дезинфицирање на рацете, како и носење маска, освен при утврдување на нивниот идентитет.

Исто така, задолжително е да се одржи наведеното физичко растојание пред, за време и по престојот на гласачките места.

Освен фактот што се одржржуваат за време на пандемијата со Ковид 19, овие избори во Црна Гора се значајни и затоа што, на некој начин, им беше даден скоро референдумски карактер – дали ДПС на Мило Ѓукановиќ ќе остане на власт или ќе ја препушти позицијата по 30 години.

Право на глас во Црна Гора имаат 540.026 гласачи, кои ќе гласаат на 1.217 избирачки места.

Ова се 11-те парламентарни избори од воведувањето на повеќепартискиот политички систем во Црна Гора и петти по прогласувањето на независноста во 2006 година.

Избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот.