На Кардиологија пациентите оставени без Електростимулација!

И на Клиниката за Кардиологија предводена од директорот Жан Зимбаков, веќе подолго време постои слична пракса како таа на Онкологија, за што Обвинителството оформи предмет, објави Радио Лидер

„Зимбаков кој важи за екстеремно близок до поранешниот министер Венко Филипче и семејството Заеви – веќе подолго време ги остава пациентите со сериозни срцеви заболувања, без нивната основна терапија со електростимулација.
Бројни поплаки се испратени до Министерството за здравство, во кои вработените ги објаснуваат нерегуларностите во работењето поради кои трпат стотици пациенти.

– Пациентите на кои им е потребна електростимулација се принудени чарето да го бараат на приватните клиники или во странство. Ова ги чини многу, а како што се зборува кај нас на клиниката директорот има разработено шема за проценти, стои во писмо од лекар на Кардиологија до Министерството“, објави  Радио Лидер.

-Директорот не потпишува за набавките за материјали за електростимулација, но затоа редовно се набавуваат материјали за методите кои тој ги применува. Целата клиника е впрегната за тој да собере што е можно повеќе искуство во одредени методи за оперирање, а често се случуваат и злоупотреби со статистиките за одредени набавки. Трча по некакви европски сертификати за себе, додека ја запоставува целата клиника. Се ова е поради бизнис, додека сме оставени без некои од основните материјали. – стои во една од поплаките испратени до Министерството за здравство од еден од повидните доктори на клиниката, се тврди во текстот на Радио Лидер.

Исто така, медиумот посочува дека доктори и персонал од клиниката за Кардиологија се незадоволни од функционирањето на клиниката и бараат разрешување на директорот Жан Зимбаков.

Од вработените биле испратени бројни писма со поплаки до Министерството за здравство затоа што, како што велат, на штета на пациентите клиниката не набавува основни материјали.

„Директорот и заменикот не набавуваат основни материјали за извршување на дел операциите, па приморан сум пациентите да ги праќам на приватни клиники или во странство иако овде ја имаме најсофистицираната апаратура, стои во едно од писмата до министерството за здравство до кое имаше увид Радио Лидер.

Во писмото, докторот опишува и пример со конкретен случај.

-Нашата клиника поседува најсофистицирани и скапо платени Мапинг системи за електростимулација на срцевите заболувања но не се набавуваат потребните материјали иако има постоечки тендер. Како последица од тоа, пациентите се принудени спасот да го бараат во странство каде што за истите интервенции се плаќа повеќе од десетина илјади евра. Колегите шпекулираат дека материјалите не се набавуваат поради нерешени бизнис релации на медицинскиот директор Жан Зимбаков и заменикот Бушлетиќ со добавувачите, поради наводно неисплатени проценти. Но не би навлегувал во тоа, факт е дека пациенти одат во странство иако истите зафати може да се извршат кај нас. – пишува докторот до министерството, стои во текстот на Радио Лидер.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.