На Комисијата за заразни болести не сме разговарале за избори, тврди Филипче 

Министерот за здравство Венко Филипче денеска уште еднаш повтори дека на Комисијата за заразни болести не се разговара за изборите и за изборниот процес и апелираше да не се политизира нејзината работа.

На новинарско прашање дали се разгледува можноста за избори на кои инсистираат политичките чинители во државата, Филипче посочи дека заклучно со денешниот состанок на Комисијата, не станало збор на оваа тема.

– Приоритет е заштитата на здравјето во смисла на димензионирање на мерките исклучиво согласно бројот на новодијагностицирани, нивната поврзаност, кластерите и.т.н, рече Филипче, додавајќи дека било каква мерка или препорака ќе биде донесена исклучиво врз основа на сознанијата и податоците за новодијагностицирани пациенти.

Тој не гледа никаква потреба да се политизира работата на Комисијата за заразни болести која како што рече, од самиот почеток работи исклучиво во интерес на јавното здравје, а не во интерес на политиката.

– Во сите овие изминати недели и месеци се работеше исклучително професионално и во интерес на јавното здравје на граѓаните, никогаш во интерес на политиката и така и ќе биде во иднина. Сакам да упатам јасна порака до граѓаните дека треба и мора да бидат спокојни околу тоа прашање заради тоа што целокупната работа, носењето, предлагањето на мерките се носи согласно состојбите, согласно анализите, на бројките на новодијагностицирани пациенти, спроведувањето на мерките, почитувањето од страна на граѓаните и тоа така ќе биде и во иднина, порача Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.