На Косово уапсен Србин осомничен за воени злосторства во 1999 година

52

Косовската полиција уапси косовски државјанин од српска националност, осомничен за воени злосторства против албанско цивилно население извршени за време на војната во 1999 година.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека машко лице, идентификувано со иницијали Г.С., е уапсено како осомничен за соучесништво заедно со други соизвршители во кривично дело „воени злосторства против цивилно население“ согласно Кривичниот закон на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ и Женевската конвенција, дела кои се санкционираат и со соодветни одредби на Кривичниот закон на Косово.

Според соопштението, Г.С. се сомничи дека на 15 и 16 април 1999 година, како припадник на резервните полициски и воени единици на Србија, во градот Липљан, „со употреба на воена сила, насилство, грабеж и заплашување врз цивилното население“, извршил протерување на локалните Албанци од нивните домови, по што од колоната на протераните биле издвоени десет цивили кои потоа биле егзекутирани.

Специјалното обвинителство побара од надлежниот суд во Приштина на уапсениот да му се изрече мерка притвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.