На „Криволак“ ќе се одржи заедничка вежба на армиите на САД, Полска и на земјава

Во периодот од 19 август до 25 септември 170 припадници на Вооружените сили на Соединетите Американски Држави и 10 припадници на Вооружените сили на Република Полска од составот на КФОР, со возила, вооружување, материјално-технички средства и опрема ќе изведат вежба, гаѓања и заедничка обука со припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, кое ќе се изврши на Армискиот полигон Криволак, соопшти владината прес-служба.

Владата на денешната седница  за реализирање на вежбата одобри и влез и престој на странски вооружени сили на територијата на земјава.

На седницата, на предлог на Министерството за одбрана, е донесена и одлука за испраќање на 15 припадници на Армијата за учество на вежбата „Combined Resolve XIV” во Германија, во периодот од 1 до 29 септември, како и Одлука за испраќање на 15 припадници на Армијата за учество на вежбата „CARPATHIAN EAGLE“ во Романија, во периодот од 14 до 27 септември.
Владата донела и одлука за начинот на користење на здравствени услуги и за надоместок на трошоците за користење на здравствени услуги во Воено медицинскиот центар и во здравствените установи во земјава на припадниците на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа- СЕЕБРИГ (SOUTH EAST EUROPE BRIGADE – SEEBRIG).