На литургија во Франкфурт се заразиле 107 лица

Најмалку 107 лица се заразиле со новиот коронавирус на литургија на баптистичката заедница во Франкфурт, објави во неделата покраинскиот министер за здравство.

Масовното заразување веројатно се случило во текот на литургијата пред две седмици. Баптистичката заедница соопшти дека биле почитувани сите епидемиолошки мерки, вклучително и физичкото растојание, дезинфекцијата и носењето заштитни маски.

„Овој пример покажува колку е важно сите, особено сега кога на сила стапија олеснетите мерки, да останеме внимателни и да не се однесуваме лекомислено“, изјави министерот за здравство на сојузната покраина Есен, Каи Клосе.

Шефот на бирото за здравство на градот Франкфурт, Рене Готшалк, појасни дека повеќето заразени не покажуваат симптоми на болеста Covid-19.

„Според нашите информации само едно лице се наоѓа во болница“, изјави Клосе и додаде дека „ситуацијата е под контрола“.

Во сојузната покраина Есен од 1-ви мај дозволени се литургиите со строго придржување на епидемиолошките мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.