На Македонија ѝ се достапни програмите на ЕУ со фонд од 2,44 милијарди евра до 2027 година

Македонската влада во вторникот на 120-та седница го разгледа и усвои Извештајот за завршени преговори и за склучување на договорот со Европската унија за учество на Македонија во Креативна Европа, за периодото 2021 до 2027 година и определи амбасадорката на Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, Агнеза Руси–Поповска да го потпише договорот.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, согласно овој договор, Македонија, преку Министерството за култура, ќе учествува во оваа програма со вкупен износ од 1,14 милиони евра, распределени во седум години со што се стекнува со пристап до буџетот на програмата Креативна Европа кој изнесува 2,44 милијарди евра.

„Програмата ја препознава културната разновидност како главен приоритет преку кој треба да се одговори на предизвиците со кои денес се соочуваат културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, а нејзини приоритети се заштита, развој и унапредување на културната и јазичната разновидност и наследство, како и зајакнување на конкурентноста и економскиот потенцијал на културните и креативните сектори и на аудиовизуелниот сектор“, се наведува во соопштението.