На македонските аеродроми превезени 2,5 милиони патници за десет месеци

На охридскиот аеродром пристигнаа првите патници од Базел

Двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, достигнаа нови рекорди – 2,5 милиони (2.480.767) патници во периодот од јануари до ноември 2019 година, што претставува годишен пораст од 14%, додека само охридскиот аеродром бележи значителен пораст од 240% на патничкиот сообраќај во ноември, што е неверојатен резултат постигнат надвор од летната сезона, информираат од ТАВ Македонија.

Во истиот овој временски период од 11 месеци, вкупниот број на воздухопловни операции е зголемен за 10%, достигнувајќи вкупно 20.215 летови на двата аеродрома, скопскиот и охридскиот.

– Заедно со двоцифрениот пораст на бројот на патници остварен во 11-те месеци од 2019 година, ноември е уште еден рекорден месец за аеродромите, особено за охридскиот аеродром, кој дури и надвор од сезоната оствари значителен пораст од 239,5% на патничкиот сообраќај споредено со месец ноември во 2018 година. Овие силни резултати се постигнати поради новите редовни авиолинии што беа отворени во 2019 година. За разлика од другите години, кога со почетокот на зимскиот распоред на летање обично темпото на воздушниот сообраќај забавува, оваа година доживеавме поинаков тренд – во ноември забележавме пораст од 23% на бројот на патници на двата аеродрома (188.474 патници), во споредба со ноември во 2018 година кога имавме 153.271 патници“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Разгледувани одделно, Меѓународниот Аеродром Скопје има 2,2 милиона патници од јануари до ноември 2019 година (2.183.897) со годишен раст од 9,3%, и 17.746 летови, со годишен пораст од 5,3%. Бројот на патници на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за значајни 70%, односно 296.870 патници, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7% годишен раст).

– Во ситуација кога патничкиот сообраќај низ европските аеродроми застана на 2,2% во септември 2019 година, забавувајќи од август 2019 година кога беше 3,4%, со извонредните ноемвриски бројки во однос на патничкиот сообраќај ТАВ дополнително го забрза двоцифрениот пораст на двата македонски аеродрома, што се одржува во текот на целата година. Среќни сме со овие резултати и ќе продолжиме да ја прошируваме мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и Охрид и да ги подобруваме нашите услуги – заклучи Ерсој.