Најмалку 10 жртви во инциденти на новогодишната ноќ во САД

Најмалку десет лица ги загубиле животите во американските градови во разни инциденти на новогодишната ноќ, пренесува во средата весникот USA Today.

Според новинскиот извештај, најголем број од вооружените инциденти со пукања се случиле во баровите и ноќните клубови.

Две лица загинале на новогодишната прослава во ноќен клуб во Орландо, во сојузната држава Флорида, а уште две се убиени во клуб во Тексас. Седум лица, пак, се ранети во пукање во бар во американската сојузна држава Вирџинија. Како последици од престрелки неколку луѓе се убиени и во Сент Луис, во државата Мусури, и во Филаделфија, во сојзуната држава Пенсилванија.

Во написот се истакнува дека бранот инциденти со пукања во новогодишната ноќ „ја заокружил“ годината, во којашто е регистриран рекорден број масовни убиства. Претходно минатата седмица, USA Today објави дека во текот на 2019 година се извршени 41 масовно убиство, во кои животите ги загубиле четири или повеќе лица. Станува збор за рекордно висока бројка во последните 50 години.