Најмалку 12 лица се повредени во судир меѓу бугарските навивачи во Софија и локалната полиција

Најмалку 12 лица се повредени во судир меѓу бугарските навивачи во Софија и локалната полиција, пред и за време на натпреварот меѓу Бугарија и Унгарија, од групата Г од квалификациите за ЕП 2024 во Германија.

Локалните медиуми јавуваат дека илјадници бугарски навивачи протестирале на улиците на Софија поради начинот на кој се управува со Фудбалскиот сојуз на Бугарија.

Фудбалскиот сојуз на Бугарија го пресели квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Унгарија од стадионот „Васил Левски“ во Софија на стадионот „Христо Ботев“ во Пловдив и ги затвори трибините за навивачите.

Одлуката е донесена поради страв од нереди на денот на натпреварот.

Но, хаосот се пресели на софиските улици. Маскирани хулигани се најдоа на улиците на главниот град на Бугарија и го изразија своето незадоволство од ваквата одлука.

Навивачите на елитните клубови организираа голем протест против претседателот на ФС на Бугарија, Борислав Михаилов, кој е на чело на Куќата на фудбалот речиси 18 години.

Во протестите учествуваа навивачи на бројни бугарски клубови, а во еден момент протестот стана насилен.

Бугарското МВР соопшти дека во судирите се повредени петмина полицајци.

Центарот за итна медицинска помош во Софија соопшти дека примил вкупно 19 пријави за повредени на протестот пред Националниот стадион пред натпреварот Бугарија-Унгарија. Некои од повредените биле прегледани на лице место од екипи на итната помош.

Унгарската фудбалска репрезентација обезбеди пласман на Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија, бидејќи натпреварот заврши без победник, со резултат 2:2. Головите за Бугарија ги постигнаа Спас Делев во 24. минута и Кирил Десподов во 79. минута од пенал. Стрелци за гостите беа Мартин Адам во 10. и Алекс Петков со автогол во седмата минута од судиското надополнување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.