Најмалку 20 загинати, а 70 се повредени во лизгање на земјиште во Танзанија

Најмалку 20 лица загинаа, а 70 се повредени во лизгање на земјиште предизвикано од обилните дождови во регионот Мањара во северна Танзанија, соопштија денеска локалните власти.

Најпогоден е градот Катеш, на околу 300 километри северно од главниот град Додома. Се стравува дека бројот на жртви може да биде поголем.

Претседателката на Танзанија Сами Сулуху Хасан изјави дека во Катеш се испратени медицински екипи за помош на настраданите.

Силниот дожд предизвикал лизгање на земјиштето во некои области на планината Хананг. Водата однела и повеќе живеалишта и други објекти.

По периодот на естремна суша, Источна Африка со недели е погодена од обилни дождови и поплави поврзани со климатскиот феномен Ел Нињо. Повеќе од милион луѓе во Сомалија и Кенија се раселени, а над 300 луѓе загинаа во поплавите. Дождовите предизвикаа и огрмни штети на патишатата и другата инфраструктура во Источна Африка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.