Најмалку 25 луѓе убиени во престрелка во Рио де Женеиро

Најмалку 25 лица, меѓу кои и еден полицаец, се убиени во пукање до кое дојде за време на полициска акција против дилери на дрога во предградие на Рио Де Женеиро, соопшти локалната полиција.

Како што јави весникот „О Глобо“, пукањето се случило во сиромашното предградие Жакарезињо.

Меѓу ранетите во престрелката има двајца патници од метро во тој дел на Рио, додава весникот.

Осомничените се обиделе да избегаат преку покриви кога полицијата со оклопни возила влегла во сиромашниот дел на Рио и над нив летале хеликоптери, јави локална телевизија.

Тројца полицајци биле погодени, а еден им подлегнал на повредите, соопшти полицијата.

Според полицијата, ова било една од најсмртоносните индивидуални полициски операции во Рио Де Женеиро. Меѓу загинатите се и неколку водачи на бандата која се занимавала со трговија со дрога, а најмалку 10 осомничени се уапсени.