Најмалку 30 Палестинци загинаа, а 50 се ранети во израелски напад врз поштенска експозитура каде што се засолниле жителите на Газа, соопштија медицинските лица, а израелската војска во петокот соопшти дека се обидува да елиминира висок член на Исламски џихад.
Семејствата раселени поради 14-месечниот конфликт побараа засолниште во поштата во кампот Нусејрат, а нападот доцна во четвртокот го зголеми бројот на загинати во енклавата на 66 тој ден, рекоа болничарите.
Израел соопшти дека целта наводно бил член на Исламски џихад и водач на нападите врз израелските цивили и војници и ја обвини милитантната група за злоупотреба на цивилната инфраструктура и населението како жив штит за нејзините активности.
Во соопштението на израелската армија се вели дека ги разгледува извештаите за бројот на жртвите, но не го именува членот на вооружената група.
Нусејрат е еден од осумте историски кампови за палестинските бегалци во Појасот Газа од војната во 1948 година, водена за формирање на израелската држава. Денес кампот е дел од густо населено урбано подрачје, преполно со раселени луѓе од сите делови на енклавата.
Во два израелски напада во јужниот дел на Газа претходно во четвртокот загинаа 13 Палестинци за кои медицинските лица од Газа и Хамас рекоа дека биле дел од силите задолжени да ги заштитат камионите со помош. Израелската армија тврди дека милитантите на Хамас се обиделе да ја киднапираат пратката.
Многу од убиените во нападите во Рафа и Хан Јунис наводно биле поврзани со Хамас, според извори на Reuters.
Во соопштението на израелската војска се вели дека целта на двата воздушни нападa е наводно „да се обезбеди безбедно доставување хуманитарна помош“ и ги обвини членовите на Хамас „дека планираат да спречат помошта“ да стигне до цивилите во Газа на кои им е потребна.
Вооружени банди од истоштеното и прегладнето населени често киднапираат камиони со помош, а Хамас формираше специјална единица за справување со вакви инциденти. Силите предводени од Хамас убиле повеќе од 20 членови на таканаречени банди во последните месеци, рекоа извори на Хамас и болничари.
Хамас објави дека најмалку 700 полицајци задолжени да обезбедуваат камиони со помош во Газа се убиени во израелските воени напади од избувнувањето на војната на 7 октомври 2023 година.
Исто така, израелската армија нареди евакуација на жителите на неколку населби во срцето на градот Газа во четвртокот, велејќи дека воено ќе одговори на ракетите истрелани од тие области. Во четвртокот вечерта десетици семејства ги напуштија тие области и се упатија кон центарот на градот.
Месечните напори за примирје предводени од арапските посредници Египет и Катар, поддржани од САД, не успеаја да го финализираат договорот меѓу завојуваните страни.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во четвртокот во Тел Авив изјави дека верува оти договорот за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците можеби е блиску бидејќи Израел ја сигнализира својата подготвеност и има знаци за напредок во однос на Хамас.
Војната во палестинската енклава започна откако вооружени лица на Хамас упаднаа во израелските заедници, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници во Газа, управувана од Хамас, според израелските проценки.
Оттогаш, израелската армија опустоши големи делови од Газа и ги протера речиси сите 2,4 милиони жители на енклавата од нивните домови, што доведе до пораст на гладот и болестите и смртта на повеќе од 44.800 луѓе, според нецелосните податоци до есенва, од кои најмалку две третини се деца и жени.