Најмалку 31 убиен во турски воздушни напади врз курдски позиции во Сирија

Најмалку 31 лице е убиено во турските воздушни удари врз курдските позиции на североистокот на Сирија, објави во неделата невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.

Најмалку 40 луѓе се повредени или се водат како исчезнати, а некои од ранетите се во критична состојба, се додава во извештајот на SOHR која се повикува на свои информатори од теренот во Сирија.

Турското министерство за одбрана претходно во неделата потврди дека од полноќ изведува воздушни удари врз базите на курдските борци од Единици за заштита на народот (YPG) на северот од Сирија, како и врз базите на Работничката партија на Курдистан (PKK) во северен Ирак.

Во соопштението на SOHR се додава дека турската војска извела 25 воздушни удари во областите на градот Кобане, покраината Алепо и други рурални области, кои се под контрола на Сириските демократски сили (SDF), чијашто ударна моќ е курдската милиција YPG, кои беа вооружувани и обучувани од американската војска.

Турските воздушни удари се изведени една седмица по бомбашкиот напад во Истанбул во кој беа убиени шест а ранети повеќе од 80 луѓе. Уапсената осомничена извршителка на терористичкиот напад во фреквентната пешачка зона Истиклал е млада сириска Курдка, Ахлам Албашир, која признала дека има врска со PKK од каде пак ги отфрлаат обвинувањата.

Претходно седмицата турскиот дневен весник Yeni Şafak објави дека осомничената во текот на истрагата за терористичкиот напад во Истанбул била обучувана во разузнавачка школа на PKK во Аин ал-Араб (пограничниот сириски град чие курдско име е Кобане) каде што обука спроведувале американските војници во Сирија, и дека била обучувана како специјален разузнавач.

Според истите извори, осомничената зборувала и со доверливо лице на водачот на организацијата PKK/YPG/SDF во Аин ал-Араб, кој ѝ давал инструкции. По тие упатства, девојката пред четири месеци илегално влегла во Турција преку преминот Африн-Адлин. Според сознанијата на полицијата, таа низ Истанбул се движела придружувана од маж, за двојката да изгледа како сопружничка двојка и да не предизвикува сомневања.