Најмалку 33 мртви во свлечиште во Колумбија

Најмалку 33 лица загинале а девет лица се спасени по лизгање на земјиште при што бил затрупан автобус во северозападниот дел на Колумија во неделата, соопшти во понеделникот министерството за внатрешни работи.

Несреќата се случила меѓу градовите Пеубло Рико и Санта Сесиља во покраината Рисаралда, околу 230 километри северозападно од колумбиската престолнина Богота. Автобусот патувал од Кали, третиот по големина колумбиски град, кон општината Кондото во покраината Чоко.

„Веќе пронајдовме 33 мртви лица, меѓу кои тројца се малолетници, и спасивме девет лица од кои четири се во критична состојба“, изјави министерот за внатрешни работи Алфонсо Прада за новинарите во понеделникот.

Колумбискиот претседател Густаво Петро на Twitter изразувајќи им сочувство на семејствата на настраданите и ветувајќи поддршка од националната влада рече дека станува збор за трагедија.

Градоначалникот на Публо Рико, Леонардо Фавио Сиагама, им изјави на новинарите дека телата на жртвите се пренесени на покриениот градски стадион.

Колумбија годинава е погодена од невообичаено силна сезона на дождови, а вината за тоа се става на метеоролошкиот феномен Ла Ниња. Инцидентите поврзани со обилните врнежи годинава однеле над 216 животи и оставиле 538.000 луѓе без домови, според владината статистика. Уште 48 лица сѐ уште се водат како исчезнати, според истиот извор.