Најмалку 39 мртви и десетици исчезнати на Филипини по налет на тајфун

Филипинската полиција помогната од војската и натаму трага по повеќе десетици луѓе кои се пријавени за исчезната откако тајфунот Вамко ја погоди оваа азиска земја, а однесе 39 човечки животи и во главниот град Манила и околината предизвика најголеми поплави во текот на изминатите години.

Вамко е 21-от и најсмртоносен циклон кој ја погоди оваа островска земја годинава. На главниот остров Лузон стаса доцна ноќта во средата, во периодот кога Филипини закрепнуваат од Гоним, најсилниот тајфун во 2020 година кој усмрти 25 луѓе и уништи илјадници домови.

По налетот на Вамко, пронајдени се 39 тела, а сѐ уште се трага по уште најмалку 22 лица, соопшти во петокот на прес-конференција воениот командант Џилберт Гапаи.

Тајфуните кои во серија ги погодија Филипини, осум во последните два месеца, се дополнителен предизвик за тамошната влада, којашто тешко се справува со пандемијата на коронавирусот и економската рецесија.

Меѓу жртвите на Вамко се и двајца мажи и дете кои загинале во свлечиште во провинцијата Камаринес. Три лица загинале, пак, во уривање на складиште во провинцијата Кавите. Поплавени се десетици илјади домови, но водата почнача да се повлекува во тешко погоденото предграрие Марикана, што им овозможува на граѓаните и службите да започната со расчистувањето.

Многу Филипинци од поплавите се засолнувале на покривите од своите домови, а во предградие на Манила спасени се околу 6.000 луѓе. Повеќе од 500.000 домаќинства во филипинската престолнина и околу неа се без електрична енергија, па на Лузон, каде што живее половината од севкупното 108-милионско население на Филипини, прекината е наставата преку интернет.

Тајфунот Вамко сега се приближува кон централен Виетнам, каде што од почетокот на октомври поплавите и свлечиштата усмртија веќе најмалку 160 луѓе. Се очекува дека тајфунот ќе го погоди виетнамското копно во сабота.