(ФОТО) Најмалку четири загинати и 120 повредени во Турција по силниот земјотрес во Егејот

Најмалки четири лица загинале и уште најмалку 120 се повредеи во земјотресот во Турција соопшти тамошната агенција за вонредни состојби, по разорниот земјотрес со магнитуда приближно на 7 степени по Рихтер кој претходно во петокот го погоди Егејското Море, а силно се почувствува во Турција и Грција каде што има и урнати објекти.

Подземните удари предизвикале уривања во грчкиот град Нео-Карловаси на островот Самос и во турски Измир, каде што според спасувачите досега се најдени четири жртви, а над 120 лица се повредени. Досега од под урнатините се извлечени три лица.

Во Измир, се урнати меѓу шест и дваесет станбени објекти. Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, соопшти дека најмногу настраделе градските квартови Бајракли и Борнова. Додаде дека локалното население веднаш започнало со расчистување на урнатините и пребарување по преживеани.

Сојлу рекол дека нема извештаи за жртви во другите шест провинции во кои силно бил почувствуван земјотресот, но рече дека има информации за напукнувања на некои згради.

Другите западни турски провинции, меѓу кои се Ушак, Денизли, Маниса, Баликесир, Ајдин и Мигла имаат мали штети, додаде Сојлу.

Медиумите јавуваат дека во Сеферихисар, на 50 километри од Измир, морскиот бран предизвикан од цунамито потопил некои од градските реони.

Во Неон-Карловаси во земјотресот се урнала куполата на црквата на света Богородица. Локалната телевизија Sky објави дека сериозно се оштетени и други објекти. Засега од грчка страна нема информации за настрадани.

Околу 45.000 жители на грчкиот егејски остров Самос, каде што е издадено предупредување за цунами, се повикани да ги избегнуваат крајбрежните подрачја, изјави шефот на грчката организација за антисеизмичко планирање Ефтимос Лекас за грчката телевизија SKAI.

„Тоа беше силен земјотрес, тешко дека би можело да биде посилен“, рекол Лекас.

Али Јерликаја, гувернер на Истанбул, каде што земјотресот исто така е почувствуван, рекол дека засега нема инфорамции за жртви и материјални штети. Истите информации доаѓаат и од Атина, чии жители исто така биле силно вознемирени од потресот.

Турската агенција за управување со катастрофи и кризи објави дека земјотресот имал магнитуда 6,6 по Рихтер, додека американската геолошка служба USGS извести за магнитуда од 7.0.

Епицентарот на потресот бил на околу 17 километри од брегот на Измир на длабочина од 16 километри, според турските извори, додека според американската служба бил на 33,5 километри од турскиот брег и на длабочина од 10 километри.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.