Најмалку осум лица загинаа во пожар во хостел во Москва

Во пожар во зграда во југоисточниот дел на Москва што избувна синоќа, загинаа најмалку осум лица. Руските власти изјавија дека пожарот избувнал во хостелот, а има и повредени.

„Според прелиминарните информации осум лица загинаа, а четворица се хоспитализирани“, се вели во соопштението на истражниот комитет задолжен за големи криминални случаи, пренесува Танјуг.

Спасувачките служби одделно соопштија дека пожарот го зафатил приземјето на петнаесеткатницата, дека тој брзо бил изгаснат околу еден часот утринава, а повеќе од 200 луѓе се евакуирани.

„Решетките на прозорците ги спречија луѓето да се спасат, ова е главната причина за смртните случаи“, изјави в.д. шефот на Московската спасувачка служба.

Тој рече дека алармот на хостелот не функционирал и дека биле пријавени безбедносни прекршувања за време на мониторинг посетите на хостелот во 2019 година и во јуни. Истражниот комитет соопшти дека е отворена истрага за непочитување на прописите за безбедност.