Најмалку пет загинати во силен земјотрес на Папуа Нова Гвинеја

Земјотрес со магнитуда од 7,6 според Рихтер ја погоди во неделата Папуа Нова Гвинеја, при што загинале најмалку пет лица, соопштија локалните власти.

Жителите на северните градови во близина на епицентарот известија за силен земјотрес кој оштетил згради и патни правци, и придвижил свлечишта.

Локалната парламентарка Кеси Саванг објави дека во оддалечените села во планините загинале најмалку две лица, а уште четири се во критична состојба и со хеликоптери се пренесени во болница. Саванг за агенцијата AFP изјавила дека свлечиштата прекриле многу домови и „пресекле“ едно село.

Во блискиот град Вау локална компанија објавила дека тројца нејзини рудари се живи закопани. Во таа област комуникацијата е ограничена а патиштата се во лоша состојба, поради што се отежнати процените на последиците од потресот. Во спасувањето се вклучени мали локални авиокомпании и групи мисионери.

Земјотресот бил почувствуван и во главниот град Порт Морезби, оддалечен околу 480 километри од епицентарот. Американската геолошка агенција USGS претходно предупреди поради можност од цунами, но подоцна објави дека опасноста минала.

Претседателот на Папуа, Џејмс Марапе, изјавил дека земјотресот бил силен и советувал на претпазливост, но додал дека очекува дека штетата ќе биде помала отколку во 2018 година кога серијата земјотреси однесоа повеќе од 150 човечки животи.

Сепак, вкупните последици од земјотресот во неделата сѐ уште не се познати. Земјотресот бил на длабочина од 61 километар. Папуа Нова Гвинеја, како и соседните како и двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од ткн „Пацифички огнен прстен“, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во коешто загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.