Најмалку тројца загинати во невремето во Словенија

Најмалку три лица загинаа како последица на невремето и катастрофалните поплави што ја зафатија Словенија, објави во петокот словенечката службена новинска агенција STA.

Еден Словенец го загубил животот во областа Камник, а двајца Холанѓани во планините во областа Крањ. Околностите во кои дошло до трагедиите сѐ уште се утврдуваат, соопштиле од полицијата за агенцијата.

„Се чини дека смртта во Камник е последица на поплавата, а на планините од удар на гром. Околностите на смртта сѐ уште се утврдуваат“, изјавила Маја Адлешич Циперле, претставничка на словенечката полиција.

Рекордните врнежи, кои главно предизвикаа поплави во северниот дел на Словенија, не попуштаат, предупреди во петокот метеорологот Бране Грегорчич од словенечката агенција за животна средина (Arso). Најголемиот дел од најобилните врнежи ќе се движат кон југоисток од земјата, а потоа долж границата со Хрватска кон североисток.

„Времето си го направи своето“, рече Грегорчич на прес-конференцијата. Според него, количеството врнежи што паднало до 12 часот била поголема од најверојатните сценарија, на места наврнале и околу 200 милиметри врнежи на метар квадратен.

Поради обилните врнежи надојдени се пороите и водотеците, а се очекуваат и поплави на реките Крка, Сава, Драва и Дравиња, изјави хидрологот Јанез Полајнар.

Врнежите ќе продолжат и во текот на денот, тешки услови се очекуваат денеска на југоистокот од Словенија, особено во областа Кочевско, во областа Купа и Бела Краина долж хрватската граница. Утре во текот на денот врнежите ќе се намалуваат, а во недела навечер ќе престануваат, изјави Грегорчич.

Командантот на Цивилната заштита, Сречко Шестан, изјави дека на многу места пристапот до загрозените подрачја е невозможен. Од кампот Менина со хеликоптер морало да се извлечат неколку лица, а има и проблеми со комуникациите.

Ситуацијата е најтешка во Корушка, понекогаш дури и хаотична, изјави за STA регионалниот шеф на службата за цивилна заштита Алан Матијевич. Надојдената река Мислиња го урнала мостот на главниот патен правец Дравоград – Словењ Градец кај Отишки врв, непроодни се и неколку други патишта, многу области се поплавени, а на места нема вода за пиење и сигнал на мобилната телефонија.

„Ситуацијата не се подобрува, сѐ уште имаме вонредна состојба, имаме огромен број подрачја под вода, патиштата се отсечени и поплавени, мостовите пропаднати“, рече Матијевич. Според досегашните податоци, голем дел од инфраструктурата во регионот е уништена и поплавена.

Поради надојдените реки Меже и Мислиња и поројните дождови има многу барања за евакуација на луѓето, но моментален проблем се непроодните патишта, како и влошувањето на времето поради што не може да се побара помош од хеликоптер, додал Матијевич.

Регионот побарал и дополнителни вреќи против поплави, но во моментов не можат да ги добијат поради прекинатите сообраќајни врски меѓу Корушка и другите делови на Словенија.

Поради поплави и одрони затворени се многу патишта, меѓу кои и некои од поголеми. Според податоците на Центарот за сообраќај и информации за државните патишта, затворени се дел од патните правци Дравоград-Марибор, Дравоград-Равне на Корошкем и Дравоград-Словењ Градец.

Поради лошите временски услови и поплавите, комуналните претпријатија од западните и северните делови на земјава ги повикуваат жителите да зовриваат или користат флаширана вода. Мерките во моментов важат за голем дел од Горењска, како и за одредени области на Приморска, Корушка, Савињска долина и централна Словенија.