На маса е Северна Македонија

Додека Атина и Скопје се чини дека се движат кон решение за спорот за името на Македонија, извештаите посочија дека Република Северна Македонија е веројатнo спогодбеното решение, пишува Катимерини.

Другите имиња, од првичните пет предлози на  медијаторот на Обединетите Нации Метју Нимиц, остануваат на маса, но се очекува Северна Македонија да преовладува.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас се очекува да разговара со својот колега, Зоран Заев, по телефон многу брзо и двајцата ќе се состанат сигурно пред самитот на лидерите на Европската унија на 28 јуни .

Во текстот се наведува дека  Заев посочил дека договорот е многу близок и ќе мора да биде ратификуван во Собранието пред да се изјаснат граѓаните на референдум.

Се пренесува и ставот на претседателот Ѓорге Иванов, кој ги отфрла отфрли барањата на Грција дека новото име ќе биде „erga omnes“, односсно ќе се применува и на домашно и на меѓународно ниво.

Во меѓувреме, во Грција за в среда се најавени демонстрации против употребата на терминот Македонија во решението за името.

Митинзи во среда се планираат во Пела, Кавала, Драма, Серес, Килкис, Поликакра, Лагада, Неа Муданија, Едеса, Флорина, Касторија, Птолемаида и Катерини.

Катимерини пишува и за барањето на МПЦ, Вселенската Патријаршија да се заложи за изнаоѓење на решение за признвање на нејзината автокефалност.

Овој потег се смета за значаен бидејќи доаѓа во пресрет на реакциите од Вселенската Патријаршија на барањето МПЦ, како нејзина мајка црква да и биде Бугарската православна црква.

Ова предизвика силна  реакција од Вартоломеј, кој рече дека „дејството на сестринската црква во Бугарија било погрешно. Тоа ги комплицира работите “.

„Мајката црква на сите балкански народи е онаа во Константинопол“, рече Вартоломеј.