Најмногу пријавувана дискриминација на работното место

Граѓаните најмногу пријавувале дискриминација на работно место. Во првите пет месеци од годинава, Комисијата за спречување на дискриминација постапувала по 90 претставки доставени од физички и правни лица. Според Комисијата потребно е да се подигне свеста кај граѓаните за да може да препознаат дискриминација, бидејќи во најголем дел од преставките не може да се утврди основата за дискриминација.

„Од вкупниот број на разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто се поднесени од група граѓани. За жал анализите за пријавената постапка за дискриминација не може да се спроведе бидејќи во голем дел од преставките поднесувачите не ја пријавуваат основата а од содржината не може да се утврди. Комисијата планира да го надмине овој проблем преку креирање на образец“, рече Ирфан Деари, Член на Комисија за заштита од дискриминација.

Комисијата дала негативно мислење за предлогот во личните карти да има графа за етничка припадност водејќи се според меѓународните пракси. Етничката графа во личните документи може да предизвика дискриминација по етничка основа и зголемување на расно етничко профилирање. Членовите на Комисијата ги посочија и лошите услови во кои работат, недоволен број на вработени, канцелариски материјали, и минимални ресурси за кои се надеваат дека наскоро ќе бидат надминати.