На народот не му требаат „бомби“, туку подобар живот

„Бомбите“ на Заев не фаќаат корен меѓу народот. Иако лидерот на СДСМ тврдеше дека кога ќе почнат со објавувањето на материјалите од прислушуваните разговори,  Груевски за три дена ќе си замине од власта со оставка, сепак, и по повеќе од 20 прес – конференции Македонија се уште го има истиот премиер и истата Влада. Првиот човек на социјалдемократите вели дека одат чекор по чекор, но многу аналитичари коментираат дека моментумот е веќе загубен, „бомбите“ ја губат силата, а граѓаните се заморени од следење на нешто што се претвора во шпанска серија, пишува Лидер.

-Се плашам дека крешчендото е постигнато и дека ако нема нешто поспектакуларно од ова ќе има само еден надолен тренд. СДСМ и Заев немаат што друго да продаваат во моментов, освен илузии дека сигурно победуваат,  коментираше новинарот Васко Ефтов по емитуваните „бомби“ од Универзалната сала.

На иста линија е и професорот Александар Даштевски.

-Во нивните редови постои една паника и раздор, бидејќи се свесни дека не го постигаа резултатот што сакаа да го постигнат. Нивото на интерес паѓа, народот си продолжува да си ја гледа својата работа и оттука е незадоволството во редовите на СДСМ,  коментира Даштевски.

Но, главоболките на опозицијата не запираат тука. На објавувањето прислушувани телефонски разговори, за кои власта тврди дека се монтирани и сечкани, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со организирање масовни трибини во повеќе градови. На нив се презентираат позитивни мерки: се објавуваат нови инвестиции кои ќе отворат работни места, но и нови бенефиции како: бесплатни таблет – компјутери, зголемени стипендии, социјални поволности, субвенции, продолжување на породилното отсуство на 15 месеци.

Аналитичарот Виктор Грозданов, кој е долгогодишен медиумски работник, вели дека ваквиот пристап дава подобри резултати.

-Власта во овој период е ранета, но возврати со една друга, економска политика. Мислам дека со ова ќе биде многу поуспешна од опозицијата, бидејќи народот повеќе го интересира колкава му е потрошувачката моќ, отколку да слуша што разговарале Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска по телефон, вели Грозданов.

Економските аргументи се на страната на власта

Кога политичката битка се префрла на економско поле, тогаш аргументите се на страната на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов, стапката на невработеност во земјава е на историски најниско ниво од 27,6%, а како невработени се водат 265.370 луѓе. За споредба, во времето на СДСМ е достигнат рекордот. Убедливо највисоки стапки на невработеност се регистрирани во 2003, 2004 и 2005 година. Невработеноста на крајот од 2005 година изнесуваше огромни 37,3%, а без работа биле 323.934 луѓе.

На полето на инвестициите е речиси и невозможно да се направи споредба, бидејќи во времето на СДСМ, слободната економска зона Бунарџик беше празна ливада, а сега таму се оперативни шест фабрики, со уште неколку други во изградба, а кои наскоро ќе ги отворат погоните. Изразено во бројки, најдобра година од аспект на привлечените СДИ во времето на СДСМ била 2004-та со 260,7 милиони евра, додека во времето на ВМРО-ДПМНЕ се 2007 и 2008 со привлечени 506 и 400 милиони евра.

Слично е споредбата и во однос на растот на БДП. Во 2001 година по воениот конфликт беше очекувано да има пад, за потоа благ раст, па сè до најдобрите години на СДСМ, со раст на БДП од  4,6% во 2004 и 4,3% во 2005 година. За споредба, во „златните години“ на ВМРО-ДПМНЕ пред кризата беа генерирани стапки на раст од 5% и 6,1%.

Но, граѓаните и директно на свој грб можат да ја направат споредбата. Просечната плата сега изнесува 21.828 денари, тогаш 13. 518 денари. Просечната пензија е зголемена за 62%, а пензионерите со најниски примања добиваат за цели 76% повеќе пари. Просечната пензија сега изнесува 12.445 денари, а тогаш 7.683 денари.

Социјалната помош е зголемена за 47%, а постојаната парична помош за 46%. Од јуни социјалната помош се зголемува за 10 проценти.

Дополнително, транспортот на граѓаните станува поевтин и поефикасен. За градскиот сообраќај се набавени и веќе сообраќаат нови автобуси, во железницата во тек е набавката на нови патнички вагони. Се гради пругата кон Бугарија, Македонија се гасифицира, се градат три автопати во должина од 132 километри. Ова, според аналитичарите, се факторите поради кои „бомбите“ не одекнуваат како што посакуваат опозиционерите и причината зошто граѓаните се уште бараат од Заев програма и проекти, а не само празни зборови.